неправда

На полноќ се разминувам со стрелките на часовникот и очајно молам со острите краеви да ја извадат сета наталожена болка родена од неправда. Утре е нов ден ќе се разбудам со истото лице со истите навики и со старите предавства кроени по мерка на моите луѓе.

сонување во празно

Сонувањето во празно е бесплатно а сепак чини прескапо.  Никој не предвидува  каде ќе заврши еден отсутно залутан поглед.  Кафето на масата  што долго те чека  проштално писмо ти пишува.  Ноќта ни раѓа куќи во кои ќе се вселиме откако одново ќе се родиме.  Улицата им припаѓа  на портокалите штом залезот ќе скршне зад ридови.  Сонувам во празно мојата стреа плаче за среќата  од која кусур не земавме. 

минута презир

Им дадов години со љубов, а ми вратија со минута презир. Си ја гледам несреќата во истуреното кафе си го живеам животот со прашања без одговор. Преку прозорец од стакло ми ја допираат раката за утеха и во нивните очи летаат кукавици добивам само минута презир. Самотијата нема врска со професијата нема врска со поезијата ќе ги запалам сите лаги од хартија дајте ми само минута презир.

единствен си

Единствен си како мој матичен број како прва љубов што ја гори младоста како страв меѓу четири ѕида единствен си а сепак ме избриша единствена сум а сепак дозволи заборав да ги изеде моите очи.

тивка војна

Ти објавив тивка војна реков прва ќе стигнам на целта ветив ќе се заљубам со сите нишани ќе засадам дрвце ќе се родат плодови за сите нас почнав тивка војна војна што трае со години.

сè ќе помине

Сè ќе помине и популарноста на книгата што ја читаш и тајните ќе бидат отворени кога ќе им помине рокот на употреба и љубовта и заљубеноста ќе се прегрнат и духот ќе биде слободен сè ќе помине животот ќе си ја истрча зацртаната патека набрзина светот ќе се преврти наопаку, а луѓето ќе останат исти.

живот без клучеви

Ова е живот без клучеви нема да влезеш во ничија порта. Ќе повикам воини и богови едните да ме бранат пред другите ќе кажам молитва. Кој ќе купи среќа за мене кога ќе немам пари? Ова е живот без клучеви нема да влезеш во ничија душа.

несреќна жено

Несреќна жено од магла и од хартија жено со лоши намери убава само за своето огледало немаш време да ме проколнеш немаш време за бисерни ѓердани немаш време да го родиш својот нероден син, несреќна жено ти вели мојот видовид дожд од поезија.

среќа

Исплашена од дождот избегав во едно осамено село. Таму добрите луѓе засеале детелинки со четири листа на покривите на колибите. Негова е среќата, на тој што ќе ја пронајде.  

зимска свадба

Видов невеста во голема коцка мраз и замрзнати свадбари  со нашето свето знаме во рацете.  Снегулките везеа гоблени  врз телото на околните планини. Ќе влезам во колибата во десниот џеб од капутот  ќе ја најдам зимата  и ќе ја фрлам во коледарски оган  да гори како лето.   

многу добра одеднаш

Не давај ми многу добра одеднаш ќе немам маратон за трчање ќе се збунам пред самата себе  ќе се изгубам во огромен букет од емоции, мисли и прашалници,  ќе дојдат сите бели пеперутки и нема да знам со што да ги почестам.  Не давај ми многу добра одеднаш  не можеме сите да имаме сè, и нека животот се реди постепено. 

книгата на мојот живот

Ми подарија едно од трите езера за да се капам во сите годишни времиња,  а јас понесена од радости ја заборавив книгата на плажата,  ако крадец не ја собере ако сонце не ја изгори песокот ќе ја изеде, книгата во која е сиот мој живот со неколку скинати страници. 

златни пенкала

  Бездушни златни пенкала излезете од шкафот и скријте се зад завесата, влезете во длабокиот бунар на секоја човечка душа, а потоа вратете се во моите вредни раце да напишеме приказна за почит, бездушни златни пенкала дајте ми шанса да полнам страници, да допрам до полиците на библиотеките, да се приближам до големите пера.       

постоиш

Таму каде што се двајца-тројца таму сум и јас.  Доаѓам за да ти се поклонам, да кажам дека често го повторувам твоето име од десет букви, да ги отворам твоите цркви за венчавки и крштевки.  Таму каде што се двајца-тројца се придружувам и јас  да кренам два прста пред светот и да кажам дека постоиш.

знаме

Таму каде што се црвената и жолтата боја таму сум и јас ги носам со себе и во себе. Камењата од сите земји не вредат колку едно македонско зрно песок. Кога и да ви требам следејќи го моето знаме ќе ми го најдете коренот.

златни облеки

Позајмувам златни облеки од зајдисонцето за да го оставам без звид оној што ме нема затоа што не ме заслужува.  Свадбарски тапани се слушаат додека ја чистам долгодишната прашина  напластена на чешелот. Кога полноќ  ќе слезе над нашите куќи  златните облеки ги оставам врз главите на сончогледите.

подарена плажа

Пливав во водата со мирис на рузмарин езерото добиваше форма на коцка некој ја купил плажата само за мене  да ја носам во мојот град  што свети во ноќите. 

содржина и форма

Видов уште едно македонско дете до црвената линија на победата.    Се возев во автобус  кој попат ја менуваше бојата минуваше низ сончеви и облачни појаси.   Направив едно срамежливо чекорче и уште стотина храбри чекори вратите на успехот сами се отвараа ме пречекуваа добрите луѓе чии имиња не ги знам и не е важна формата  кога ја имаш содржината.   

сокриј ме

Сокриј ги сабјите, да не се посрамотиме пред гостите.  Сокриј го тропското овошје под масата, во сиромашна земја  ќе јадеме само грешки и понижување.  Сокриј ме мене  затоа што сакам погрешни луѓе зад малото бакарно ѓезве  полно со топло кафе сокриј ме од ова пеколно лето.   

време закопано

Еден сосема обичен ден немав пари во џебот  ниту часови за денгубење.  Го најдов времето закопано на брегот на езерото со илјада скршени стомни и сенки што само мене ме посакуваат. Го најдов времето заспано меѓу разбоите на моите баби го земав со мене се качивме во лифт и влеговме во 21 век.   

среќата е тука и сега

Ми подаруваш страдања ме тераш  да чекорам од добро кон подобро да поместувам планини во долини  ми ја ловиш сенката  во бунар со вода а среќата е тука и сега  во волшебна кутија  во секој од нас.   

стравот домаќин

Стравот само понекогаш е мој домаќин кога не сакам да бидам јас кога не можам да смислам лага за двојка кога немам врати и прозорци  за да излегувам и влегувам во овој живот и оваа кожа само понекогаш стравот е мој домаќин кога ми сервира трпеза  со сочни отрови.  

разочаран град

Од различни страни влегувам во својот град носејќи креативност во главата. Долго време ме немаше и огледалото на ѕидот ме заборави. Луѓето со моето име исчезнале реката пресушила, а децата се капат во внатрешност на лубеница, во мојот град населен со духови во мојот длабоко разочаран град.

ничија

Кога ќе го изгубам распоредот со денови кога плажата ќе заспие со песок  врз трепките твоите свадбари доаѓаат по мене  и ме наоѓаат мртва во портрет закачен на ѕидот смртта не дава да се пробудам  јас сум блиску до небото во друштво на ангели своја и ничија во некоја друга димензија.     

земјата на моите чекори

Ако најлошите од душманите влезат во нашиот заеднички дом  ќе ја испијат водата од водопадите ќе донесат темни облаци ќе ги грабнат иконите од старите цркви ќе ги расплачат убавите жени.  Нека ги остават планините да дишат со полно срце нека ги остават големите поети да бидат великани, а малите поети да си играат со граматика и правопис.    Ако најлошите меѓу непријателите  дојдат во земјата на моите чекори, наеднаш ќе ги украдат детството, младоста и староста.